Шеесет поети ќе учествуваат во проектот „Почувствувај ја Македонија“ на Друштвото на писателите на Македонија, со кој ќе бидат обновени некогашните поетски карвани. Целта е да се афирмира и доближи литературното творештво до читателите.
Од 22 јуни до крајот на годината поетите ќе настапуваат пред љубителите на пишаниот збор во Дебар, Охрид, Велес, Прлеп, Куманово, Гостивар, Битола, Неготино, Струмица, Виница, Штип…
– Средбите ќе се одржуваат на неконвенционален начин, на отворен простор, и ќе бидат во функција на запознавање со природните убавини, историските знаменитости и духовните светилишта, соопшти ДПМ.
Проектот „Почувствувај ја Македонија“ на 22 јуни ќе почне на брегот на Дебарското Езеро, каде што ќе настапат Стојан Тарапуза, Виолета Танчева-Златева, Ирена Павлова де Одорико и Миле Јовановски Поречанец.