Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска ја одбележа 68-годишнината од формирањето. Претседателот на ДПМ Веле Смилевски посочи дека во изминатите години сме сведоци на творечки подем со евидентни резултати на писатели од сите генерации.
– Во различни периоди од развојот на општеството, покрај сите промени што ги носеше при развојот, ДПМ остана своевидна константа на стремежите и интересите на македонските писатели. Со начинот на своето дејствување, со творечките идеи, интелектуални промислувања и акции, ДПМ се јави како израз и знак на еден од главните презенти на македонскиот национален идентитет, истакна Смилевски.
Во изминатите речиси седум децении ДПМ, како што рече тој, обедини 480 писатели Македонци и припадници на етнички заедници.
Имајќи ги предвид општествените промени на ДПМ му беше потребен нов импулс, потребен и на полето на културата и културното живеење воопшто.
– Настојуваме и успеваме да создадеме клима на дијалог и толеранција кои водат кон соочување со важните и неодминливи прашања за статусот на писателот, за неговото место и улога во културните и општествени процеси, кои својата валидност можат да ја имаат само во сообразност со европските и светските демократски вредности, за слободата на изразување која нема цена и за која нема и не може да има алтернатива, за достоен третман на книгата, за заштита на авторскиот труд…, рече Смилевски.
Факт е, посочи претседателот на ДПМ, дека периодот кој што е зад нас, е одбележан, меѓудругото, и со изразити турбуленции, беше и е со оглед на актуелната „усвитена“ општествена ситуација, еден од најдраматичните и најсложените во која работи асоцијацијата од нејзиното формирање до денес.
– ДПМ и во една ваква кризна и изразито исполитизирана констелација успеа и упева да го сочува својот дигнитет и да дејствува со јасно означено место и улога во сферата на културата. Она што посебно треба да се истакне е дека и во вакви кризи на економски и политички констелации во земјава и на глобален меѓународен план, со ирационални притисоци однадвор без преседан во историјата на народите и државите, писателите силно создаваат, рече Смилевски.
Побара подобри услови за развој на културата и литературата, и на уметноста воопшто.
На свечениот собир беа врачени и наградите за најуспешни книжевни дела објавени во 2014 година. Наградата „Ацо Шопов“, за најдобра поетска книга во 2014 година, му беше врачена на Радован Павловски за стихозбирката „Се случува вечност“. Наградата „Стале Попов“, за најдобра прозна книга во 2014 година му ја додели на Божин Павловски за романот „Рогот на љубовта“.
Георги Сталев за книгата „За современата македонска литература“ ја доби наградата „Димитар Митрев“, за најдобра книга критики и есеи во 2014 година.
Наградата „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца во 2014 година, му беше врачена на Стојан Тарапуза за стихозбирката „Насликано време“.
Наградата „Книжевен мост“, за најдобра книга на јазиците на националностите во Република Македонија во 2014 година, и беше врачена на Сеида Бегановиќ за стихозбирката „За жените кои немаат куќа и три обични денови“.
Академикот Томе Серафимовски, по повод одбележувањето на 68-годишнината од формирањето на ДПМ, донираше портрет на Хусто Хорхе Падрон, шпански поет, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, почесен член на ДПМ и член во надворешниот состав на Македонската академија на науките и уметностите.
По повод јубилејот на ДПМ, Фондацијата „Трифун Костовски“ на друштвото му донираше 60.000 денари.
ДПМ е основано на 13 јануари 1947 година, а нејзин прв претседател беше Блаже Конески. Од 2002 година ДПМ е член на Европската писателска асоцијација.