Друштвото на писателите на Македонија најави нов циклус од 17 поетски каравани во 2015 година во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија.
– Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите, членови на ДПМ, ќе го продолжат караванот и во Струмица, Тетово, Битола, Прилеп, Штип, Лазарополе, Македонски Брод, Гостивар, Демир Хисар, Крушево и Ресен, соопшти ДПМ.
Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамки на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17-ти до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација. Во поетскиот караван на ДПМ ќе учествуваат 80 поети од сите генерации.