Долорес Атанасова-Лори добитник на наградата „Тодор Чаловски“

Од:

Поетесата Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е добитник на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” одлуката ја донесе на 25-та по ред традиционална „Галичка книжевна колонија” одржана во Галичник од 11 до 13 октомври, на која освен овогодишниот лауреат, учествуваа и поетите Јовица Ивановски и минатогодишната добитничка на наградата Биљана Стојановска.

Наградата, како што соопшти здружението „Галикул“, се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на неговиот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945–2015) и како признание за автор од земјава.од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми,

Наградата опфаќа издавање книга на наградениот автор во 2020 година, резидентен престој во Галичник и авторски хонорар за изданието.

– Ни претставува огромна чест и задоволство што наградата ја доделуваме на еден од најавтентичните современи македонски поетски гласови. Поезијата на Лори е бескомпромисно искрена, исткаена од животно искуство и неверојатна имагинација. Неизмерно сме горди што следната година ќе можеме да ја објавиме нејзината нова збирка која веруваме ќе разбуди посебен интерес кај македонската книжевна публика, исктакна Данче Чаловска, главен и одговорен уредник во „Галикул“.

Долорес Атанасова-Лори е родена во 1974 во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде го поминува детството и средношколските денови. Во 1993 во Скопје запишува студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее во Скопје, каде работи како професор по англиски јазик. Песните на Д.А.Лори првпат беа објавени во Букбокс, по што следи соработка со издавачката куќа Блесок, за која, во 2014, ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“.

Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа Антолог. По пауза од три години, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез”. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и е-книгата „Поетискон”, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет.

Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост”. Долорес Атанасова-Лори е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија. Досега нејзината поезија е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик.

Здружението наведува дека „Галичка книжевна колонија” која годинава се одржа по 25-ти пат има за цел да даде придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура и, воедно, да ја промовира наградата „Тодор Чаловски“.

Посебен белег на годинашната манифестацијата дало литературното читање пред куќата на македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулески. Посебен акцент бил ставен на стихови од првообјавената поетска книга на Чаловски „Ноќ во која те нема“, која оваа година одбележува 50 години од објавувањето.

Колонијата и оваа година имаше поддршка од Месната заедница „Галичник” и Министерството за култура. Досегашни лауреати на наградата „Тодор Чаловски“ се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018), соопшти Здружението за култура, литература и уметност „Галикул”.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот