Во Кинотека на Македонија вечер ќе биде прикажан документарниот филм „Во срцето на Балканот- Барајќи го рисот“ на познатата германска авторка и режисерка Корнелија Фолк.
Филмот ја раскажува приказната за младиот рис Марко, што тимот на Македонското еколошко друштво го залови во Националниот парк Маврово во 2010 година и на кој прв пат во Македонија му беше поставен ГПС околувратник. Филмот претставува и потсетник за загрозеноста на балканскиот рис, чија бројност е на работ на истребување на Балканот.
Прикажувањето на документарниот филм е во рамки на програмата посветена на филмови за животните и нивната заштита во организација на Кинотека на Македонија што ќе трае во наредните два дена.
Филмот е изработен од германската продукција Метју Филм, во име на Мителдојчер Рундфунк (МДР) во соработка со европскиот канал за култура Арте. Премиерно беше емитуван на неколку јавни телевизиски канали во Европа во 2011 година, а беше дел од меѓународни филмски фестивали за природа во Германија, Аврстрија, Италија, Естонија, Финска, Словачка, Чешка, Полска и Кина.