Во Музеј на Македонија, во тек е изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди и верувања“ во која се прикажани разновидни археолошки и етнолошки предмети користени во ритуалите или пак коишто содржат одредени симболички облежја. Како составен дел од изложбата, предвидени се неколку настани во кои ќе се презентираат и обработат ритуали каде се стимулира плодноста на луѓето, природата или пак на годината.
Еден од тие настани е ретроспективата на неколку уметнички и документарни филмови во кои се екранизирани некои од обредите поврзани со додолките и џоломарите. Филмовите „Бериќет“ и „Ливада“ се во режија на Митко Панов, додека автор на документарецот „Џоломари“ е етнологот Владимир Боцев. Во рамки на овој настан, авторите ќе одржат кратки излагања поврзани со создавањето на овие филмови и ритуалите што се обработени во нив. Овој ретроспектива ќе се одржи на 8 октомври (четврток), во 12 часот во кино салата на Музеј на Македонија.
Митко Панов е еден од најреномираните македонски режисери кој во своите филмови често обработува содржини поврзани со традиционалните култури во Македонија и Балканот. Тој е добитник на многу престижни награди, меѓу кои и „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал за филмот „Со кренати раце“. Владимир Боцев е етнолог кој често ги ползува документарните филмови како алатка во оваа наука. Тој во своите филмови се осврнува на разни видови обреди, обичаи и занаети карактеристични за повеќе етнички групи во Македонија. За своите фимови има добиено неколку награди, а воедно е директор на фестивалот за етнолошки документарни филмови во Кратово.