„Дневник број 13“ е насловена стихозбирката на младата македонска поетеса Надица Караколева која содржи четириесетина лирски песни.
Во нив поетесата ја негува својата автохтона поетика со нагласена лирска интонација во која темите и мотивите ги исполнува највозвишената форма и содржина на човековото постоење – љубовта.
-Она што ги краси нејзините песни се едноставноста, искреноста и детската чистота со кои љубовта како возвишена форма и содржина на егзистенцијата ги осмислува и исполнува светот и животот. Самиот наслов на книгата исписот го одредува како автобиографско бележење на луѓето, времињата и настаните кои биле и поминале, а останале копнежите и соништата како можна иднина, наведува рецензијата.
Рецензенти се Васил Тоциновски и Никола Алтиев, а уредник на изданието е Свето Стаменов.
„Дневник број 13“ е трета стихозбирка на Надица Караколева. Во 2005 година таа ја објави стихозбирката „Копрена“ за која ја доби наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитантска стихозбирка, а во 2017 година стихозбирката „Кирија за срце“ за која ја доби наградата „Бели мугри“.