Во хотел „Оаза“ во Штип, утре, со почеток во 19 часот, ќе се одржи читачка сесија и дискусија на тема „Субверзија против општествени/патријархални норми во шекспировата драма „Хамлет“. Настанот е уште една активност на проектот „ Живи библиотеки: архиви на граѓанска непослушност“ кој има за цел да промовира меѓу граѓаните литература која е општествено ангажирана и која го поттикнува пркосот кај граѓаните кон официјалните политики.
„Живи библиотеки“ е караван кој посетува повеќе градови носејќи ја со себе библиотеката на граѓанска непослушност. Во сабота, пак, ќе биде во Струга каде ќе го организира настанот „Општество на мртвите поети“. Во новите простории на иницијативата „Инка“, во поранешниот клуб „Рубљов“, со почеток во 13 часот, ќе се одржи дискусија, донирање на книги од заинтересираните граѓани, и обраќање на Ноа Трајстер од Белград.
Истиот ден и на истата локација, во 18 часот, ќе биде презентирана публикацијата „Национализмот во(н) контекст“ која ги прераскажува настаните на соработка помеѓу двете најголемите етнички заедници во Македонија против заедничкиот непријател како фашизмот за време на Втората светска војна.