Четвртиот биенален меѓународен поетски фестивал „Европски поет на слободата“ од денеска до 20 март ќе се одржува во Гдањск, Полска. На фестивалот ќе биде врачена и истоимената награда за поезија што ја доделуваат градот Гдањск и Гдањскиот инстутут за култура.
Годинава се номинирани седум европски поети-Јахја Хасан од Данска, Даниел Јонас од Португлија, Сергеј Стратановски од Русија, Ана Бландијана од Романија, Анико Полгар од Унгарија, Вани Бјанкони од Швајцарија и Лидија Димковска од Македонија.
Поетски книги од сите номинирани автори на полски јазик ги објави издавачката куќа „Слово/Слика/Територија“. Лидија Димковска е номинирана со нејзината поетска збирка „pH неутрална за животот и смртта“, заедно со преведувачката на книгата на полски Данута Ќирлиќ Страшинска, која го преведе и нејзиниот роман „Скриена камера“.
Полската критика ја окарактеризира поезијата на Димковска како силна, често радикална, доследна на својата арс-поетика, која на актуелните прашања на нашето време им нуди соодветна поетска форма.
На фестивалот покрај номинираните поети, ќе учествуваат и помлади поети од поетската мрежа „Версополис“, меѓу кои и македонскиот поет Ѓоко Здравески. Номинираните поети по завршувањето на фестивалот во Гдањск, на кои ќе учествуваат на повеќе читања и дебати, ќе читаат свои стихови и на заедничко читање во Варшава по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата.