Димитар Башевски до писателите: Престанете да молчите, придружете им се на граѓаните

Од:

Писателот Димитар Башевски со отворено писмо се обрати до своите колеги, повикувајќи ги да престанат да молчат и да излезат на протести и да им се придружат на граѓаните, кои, како што пишува “имаат далеку појасна свест за денешниот судбоносен момент“.

Башевски пишува: „Нашите писатели ги нема на јавната сцена.

Се разбира, не станува збор за сите писатели, би можел исклучоците и да ги набројам, но ситуацијата ми дозволува да зборувам за една општа состојба на духот сред македонските писатели.

Додека огромниот број граѓани на Македонија, кои сега секојдневно ги гледаме како достоинствено бараат правда и слобода („Нема правда, нема мир“), додека, значи, граѓаните точно проценија дека станува збор за суспендирање на правата и слободите, за криминал, за уривање на правниот поредок на државата и поткопување на националниот идентитет – нешта што го достигнаа својот климакс со последните потфати од страна на власта (Парламентот, Уставниот суд, аболицијата на Претседателот на Републиката), дотогаш кај македонските писатели не може да се види дека до нив допрела свеста за значењето на моментот токму по однос на она што би било природно да им биде инхерентно – слободата.

На уметноста ѝ е иманентна слободата. Тврдам дека граѓаните имаат далеку повисока и појасна свест за денешниот судбински момент за земјата и за сите нас. И видоа дека во обидите на „хунтата“ да се спаси од прогоните пред законот, секојдневно се урива правниот поредок. И поради тоа постои ова дејствувањето на нејзините одреди во лицето на ГДОМ, контрапротестите што можат да доведе до крвопролевање. Во таборот на писателите пак гледаме молк. Тромост на духот ли е или страв или, еве да одам и понатаму, да не е можеби во прашање и поткупливост. За поткупливоста, Лорд Актон има речено: „Поткупливоста е поефикасна од справите за мачење“.

Македонските писатели, следејќи го она „гласот на писателот е гласот на неговото дело“ и паролата „не се мешаме во политика“ – молчат. Божем ова што се случува е политика! Божем ова е некаква идеологија? Тоа, се разбира, не е никаква политика и никаква идеологија. Оваа власт ниту практикувала ниту е способна да практикува политика како умешност на менаџирање на една држава или на една заедница со цел барање и прифаќање на механизми за оптимален напредок.

Ова што го имаме е само деструкција на една изделена група, фамилија што презема активности само доколку тие активности служат за задржување на власта и на личните интереси, фамилија која одамна ја има дефукусирано земјата и граѓаните од својот поглед, па ќе се покаже дека ја дефокусирала дури и сопствената партија ВМРО, која сè уште не знае да најде излез, ако вооопшто го има на оваа основа.

Да завршам. Деновиве на порталите, во некои статии, прочитав два цитата од двајца луѓе кои живееле во сосема различни времеиња – едниот од Ренесансата, другиот од новово време, едниот Данте, а другиот Антонио Грамши. Првиот вели: “Во пеколот постои едно посебно место за сите тие кои останале неутрални во време на морална криза”. Ете, зарем Данте Алигиери не беше писател и зарем неговото дело не беше негов глас? А пак Грамши, големиот италијански мислител, вели: “Мразам индиферентни… Индиферентноста со својата мртва тежина ја притиска историјата… Не може да постојат само луѓе, туѓинци во градот. Оној кој навистина живее, мора да биде граѓанин…“

Сме ли, драги колеги, граѓани, освен што сме писатели?“, пишува Башевски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска