Деветто издание на „Славење на Пирејот“

Од:

Во Слоештица, Демирхисарско вечер на Голема Богородица, со почеток во 18:30 часот ќе започне манифестацијата „Славење на Пирејот“ – деветто чествување за бардот на македонската литература Петре М. Андреевски.

Манифестацијата во родното место на Андреевски и неговото вечно почивалиште, ќе ја отвори со беседа проф. д-р Елизабета Шелева.

– …Кај Петре М. Андреевски љубовта кон родната земја и националната културна традиција природно се кондензира, во облик на исконска, искрена емоција, достојна за најголемите и највисоките креативни предизвици. Таа лојалност и љубов спрема татковината не е плод на бесрамна кокетерија, реторичка поза, ниту конформистичко додворување кон моменталните „авторитети“ на власта. Во таа смисла, Петре остануваа неумоливо остар и критичен, како и секој вистински, непоткуплив автор, кој достоинствено држел пред сѐ до својот личен интегритет и чест – знаејќи, дека, како „човек на зборот“ – тоа е сѐ што има, а лесно може да го загуби, доколку би ги изневерил сопствените строги, артистички принципи и личната непоткупливост, пишува Шелева за Андреевки.

Програмата ќе продолжи на уметничкото гумно, каде ќе биде отворена изложба на делата создадени за време на овогодинешната меѓународна уметничка резиденција на Арт Поинт – Гумно 2015, како и на портрет-фотографии на уметниците од Сашо Н. Алушевски.

На гумното ќе бидат промовирани и резултатите од проектот „Поздравете ги птиците од Илинска и Плакенска Планина“ што организаторите го спроведуваат со поддршка од Македонското еколошко друштво и Еуронатур од Германија.

– Посебен „зачин“ на програмата ќе биде оригиналниот сценски перформанс: „Слојчки приказни кажани од Дедо Илија Кочовски“ во изведба на млада актерска тројка (сите со потекло од с. Слоештица) и режија на Андреј Цветановски. Цветановски е воедно и автор на документарниот филм „Животиште‟ (посветен на неговиот татко) што премиерно ќе биде прикажан на сцената – мост Бела Река, најавуваат организаторите.

Годинава, манифестацијата е делумно поддржана од страна на Министерството за култура и градоначалникот на општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска