Словенечкиот режисер Карпо Година и синеастот Ларс Хенрик Гас од Германија се лауреати на 9. Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица, кој ќе се одржува од 1-ви до 5 јуни под мотото „Зад деветтото платно“. Организатор на фестивалот е Тивериополската филмска алијанса.
Карпо Година е добитник на меѓународната награда „Астер“ за врвни достигнувања во авторскиот филм. Роден е во Скопје и важи за сестран филмски уметник и творец. Режисер е на целовечерните „Сплавот на медузата“ и „Вештачки рај“ и на голем број документарни и кратки играни филмови, меѓу кои: „Сонце“, „Пикник в недела“, „За љубовните вештини“, „Здрави луѓе за разонода“…
Претставник е на „црниот филмски бран“ и добитник на 40-ина награди за своите филмови. Бил професор по режија и камера.
На Ларс Хенрик Гас ќе му биде доделено почесно признание за вонсериски достигнувања во областа на светскиот краток филм. Гас е долго време прв човек на престижниот Оберхаузенски фестивал на краток филм, филмски експерт и автор на бројни публикации за филмската уметност. Веќе втора деценија успешно го менаџира фестивалот каде своите кариери ги почнале многумина веќе етаблирани режисери.
Официјалната натпреварувачка програма е групирана во три категории со по седум филмови – играни во „Глобална фикција“, документарци „Ѕвездени документи“ и анимирани во „Анимоушн“. Насловите ги избра селекциска комисија, во состав: Сунчица Уневска, Гена Теодосиевска и Марјан Пецев-Захов.
Девет кратки филмови од Словачка содржи програмата „Мувиленд“, во ревијалната програма „Мери-Дионс“ ќе бидат неколку македонски филмови од млади автори, а во филмскиот блок „Посвети“ ќе биде прикажан филмот „За љубовните вештини“, антологиско дело на Карпо Година, како и шест ексклузивни филмови од Оберхаузенскиот фестивал. Во оф-програмата ќе има пакет едноминутни филмови од Амстердамскиот фестивал. Во рамки на „Астерфест“ ќе се одржи панел „Перспективите на кусометражниот филм“ и портрет и мастерклас на годинашниот лауреат Година.
Проекциите и фестивалските настани ќе се одржуваат во Домот на АРМ во Струмица и во манастирот во Велјуса.