Девет програмски содржини на 19. „Есенски музички свечености“

Од:

Од 2 до 27 ноември ќе се одржуваат 19. „Есенски музички свечености“ кои ги организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС). Покрај домашни учесници, ќе има и гостувања на музичари од Унгарија, Полска и од Србија.

-Ќе имаме девет програмски термини, пред сѐ од класичната музика, за ноември да го направиме месец на музиката. Покрај концерти на класична музика, претежно од камерни ансамбли, и оваа година програмата е збогатена со друг музички жанр – годинава тоа ќе биде од областа на фолклорот, по повод стогодишнината од раѓањето на Никола Бадев. На тој концерт на 15 ноември во МОБ ќе настапат 20-ина изведувачи, рече Никола Глигоров, директор на ДКУС на прес-конференцијата по повод фестивалот. Тој ќе биде отворен в петок во Македонската опера и балет со изведба на балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски во кореографија на Украинецот Виктор Јеремко и под диригентство на Бисера Чадловска.

На 10 и 11 ноември се концертите на музичарите од Унгарија и Полска кои ќе се одржат во Филхармонијата. На 10-ти е концертот на познатиот унгарски пијанист Јожеф Балог кој се организира во соработка со Амбасадата на Унгарија. На програмата се дела од Барток, Лист и Волф.

Амбасадорот Ласло Дукс на прес-конференцијата рече дека Балог е меѓу најталентираните изведувачи во својата генерација, кој ја следи традицијата на унгарската пијанистичка уметност. Покрај класична, Балог изведува и џез-музика. Имал повеќе од илјада концерти низ светот во престижни музички центри и познати фестивали. Досега објавил десет компакт-дискови. Пред настапот во Скопје, Балог ќе има концерти во Њујорк и Загреб.

Концертот наредниот ден, 11 ноември, е по повод независноста на Полска и ќе настапат млади музичари од таа земја – виолинистката Агата Кмак и пијанистот Марсин Гузик, заедно со македонскиот кларинетист Ристе Ѓоревски.

Конузлот на Полска во Македонија Катаржина Пташињска на прес-конференцијата рече дека Полската амбасада го организира концертот во соработка со Фондацијата „Томислав Зографски“ која во 2018 ја награди со гран-при виолинистката Кмак за магистерскиот труд во кој го опишала животот и творештвото на македонскиот композитор Зографски.

– Денот на независноста е одлична можност да се претстави нашата историја и култура, додаде Пташињска.

Гостински учесници на „Есенските музички свечености“ се и музичарите од камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија, кои на 16 ноември ќе настапат во Музеј на Град Скопје.

На фестивалската програма се и оперската претстава „Марија Калас – час“ (4 ноември), концертот на триото „Интерарт“ (16 ноември), концертната промоција на цедето „Звуците на трските – опера трио“ на Татјана Петрушевска-Караскаковска, Игор Бакревски и Марјан Милошевски (22 ноември) и концерт на Горан Начевски, Страшо Темков и Елена Атанасовска-Ивановска со кој на 27 ноември ќе завршат 19. „Есенски музички свечености“.

Би можело да ве интересира

Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Ана Ололовска

Концерти на воените оркестри од армиите на С. Македонија и на САД за Европа и Африка

Ана Ололовска

Концерт на духовна музика на хрватскиот тенор Стијепо Глеѓ Маркос

Ана Ололовска

Музичка младина на Македонија го почнува циклусот концерти „Слободна среда“

Ана Ололовска

Концерт на „Профундис“ И „13 Гудачи“ заедно со светски познатата Ирина Муресану

Ана Ололовска

Концерт на Македонски брас квартет во КИЦ на РСМ во Софија

Ана Ололовска