Со изложба на фотографии за деца „Кртчето и неговите пријатели“ во Гостивар се одбележува манифестацијата Денови на чешката култура во Македонија.
Амбасадорот на Република Чешка во Македонија Мирослав Рамеш и гостиварскиот градоначалник Руфи Османи ја отворија изложбата во холот на основното училиште „Исмаил Ќемали“.
– Ваков тип на изложби наменети за најмладите во мојата земја се прават традиционално, уште кога јас сум бил дете и знам со каква радост ние сме ги очекувале. Затоа и го организираме настанот, со надеж дека децата ќе се равеселат и мотивираат, рече амбасадорот Рамеш.
На изложбата „Кртчето и неговите пријатели“ има околу 40 фотографии во боја, дело на чешкиот уметник Здењек Милер. На фотографиите се прикажува малиот крт кој се снаоѓа во различни ситуации. Изложбата патува низ повеќе градови низ земјава и е проследена со проекција на анимиран серијал за главниот лик.