Денови на македонската музика од 28. март до 9. април

Од:

Од 28 март до 9 април ќе се одржуваат 36. Денови на македонската музика кои ги организира Сојузот на композиторите на Македонија. Ќе бидат отворени во четврток во Македонската опера и балет со концертот „Синтези“ на Македонската филхармонија, на кој естрадни и оперски имиња ќе изведат познати народни песни оркестрирани од македонски композитори.

Манифестацијата ќе заврши во МОБ на 9 април со премиерата на балетот „Александар Трети Македонски“ на Љубомир Бранѓолица, во кој улогите ќе ги играат Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили.

На 36-тите ДММ ќе гостуваат ансамбли од Австрија, Словенија и од Германија. Два концерта, на 29-ти и на 30 март, во Музеј на Град Скопје ќе одржи виенскиот ансамбл „Реконсил“, кој еднаш веќе има настапено на оваа манифестација. На истата локација на 2 април ќе гостува триото „Арс музика“ од Љубљана, кое ќе изведе дела од словенечки, македонски и српски автори, а на 6 април во Музејот на македонска борба ќе настапат шест члена од  Минхенскиот камерен оркестар заедно со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

Два камерни концерта со дела од македонски композитори, насловени „Made in Macedonia“, ќе бидат одржани на 1-ви и на 8 април во Музеј на Град Скопје, а на 3 април во Музеј на македонска борба ќе настапи Камерниот мешан хор „Про арс“. Во годинашната програма е отстапен простор и за други жанрови и концерти на електронска музика – Концерт на Никола Коџабашија и Пенелопе Х (31 март во МОБ) и Вечер на електро-акустична музика (5 април во Музеј на Град Скопје).

Традиционалните награди на СОКОМ ќе бидат врачени на 31 март во МОБ. Наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело ќе ја добие етномузикологот Ѓорѓи Ѓорѓиев, „Панче Пешев“ за најдобро премиерно или публикувано дело годинава му припадна на младиот автор Александар Пејовски за премиерната изведба на делото „ОоПАаИХА“, а наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски автор СОКОМ и ја доделува на пијанистката Ана Гацева за изведбата на композицијата Варијации за пијано „15 елементи за разубавување на индивидуалното“ од Мајкл Бакрнчев.

Покрај концертната, ДДМ ќе има и придружна програма – промоција на компакт-дискови и предавања и работилници. За студентите на ФМУ предавање ќе одржи виолончелистот Бриџет Мекреј од Минхенскиот камерен оркестар. Освен премиерата на балетот за затворање на Деновите, сите други содржини на манифестацијата се бесплатни за посетителите.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска