Денови на хрватската книжевност во Македонија

Од:

Голем број преводи на дела од современи хрватски автори на македонски јазик се објавени во изминатите 25 години, а најрепрезентативните и актуелни хрватски наслови се  изложени во холот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ која денеска и утре организира Денови на хрватската книжевност во Македонија.

На настанот учествуваат писатели од Хрватска (Хелена Сабљиќ-Томиќ и Бранко Чегец) и директорката на Националната и универзитетска библиотека во Загреб  Дуња Сајтер-Шверко која утре со директорот на НУБ  Иван Заров ќе потпише договор за соработка на двете библиотеки.

Заров на отворањето на манифестацијата рече дека нивните институции придонесуваат за запознавање на двете блиски култури и значајно влијаат во градењето на односите меѓу двете држави.

– Во рамки на Деновите пред пошироката македонска културна и општествена јавност ќе бидат претставени најрепрезентативните дела на хрватската книжевност, преку избор од над сто монографски изданија издадени во периодот од 1990 до 2014 година. Оттука ја упатуваме универзалната порака оддавајќи почит на хрватската книга и слово и доближувајќи ги непосредно до македонскиот читател најактуелните книжевни остварувања, дострели и тенденции на современата хрватска книжевна сцена, рече Заров.

Сајтер-Шверко истакна се чувствува пријатно и гордо во Македонија, посебно  зашто  нејзиниот вујко, хрватскиот поет Славко Михалиќ е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, еден од двајцата хрватски лауреати (покрај Мирослав Крлежа).

– Чинот на нашето утрешно потпишување на договорот за соработка е веќе сега подлога за реално претставување на хрватската книжевност овде, во Македонија, и  се надевам дека следната година ќе се случи возвратна средба во Загреб, рече Сајтер-Шверко.

За значењето на хрватската литература зборуваше писателот Венко Андоновски, кој на Филолошкиот факултет во Скопје го предава предметот Нова хрватска книжевност.

– Хрватската книжевност за македонската книжевност има непроценливо значење затоа што само преку хрватската книжевност таа станува дел од европскиот книжевен контекст. Хравтската книжевност отсекогаш била свртена кон Европа и таа има сосема регуларна еволуција во 19 век и сите влијанија од Запад се дојдени во хрватската книжевност, а Македонците како бистар народ знаат од кого треба да пазарат, рече Андоновски.

Додаде дека не е случајно тоа што на поранешната Катедра за јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет еден од најсилните предмети  бил Нова хрватска книжевност и посочи и на влијанието на големите хрватски автори врз македонските творци, како Мирослав Крлежа и симболистот Антун Густав Матош, кој директно влијаел за појавата на македонските неосимболисти во 1960-тите.

Изложбата на преведени изданија во НУБ ја отвори хрватскиот амбасадор и македонист Златко Крамариќ. Во рамки на Деновите… НУБ утре ќе организира и трибина „Современи македонско-хрватски релации и модели на пласман и афирмација на македонската и хрватската книжевност во други средини“

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска