Во над 10 градови низ Македонија во текот на април и мај ќе бидат прикажани четири анимирани филмови за деца во рамки на проектот „Денови на детски филм“ што го организира продукциската и дистрибутерска куќа „Узенгија“.
Филмовите се синхронизирани на македонски и на албански јазик и се наменети за најмладите од 4 до 10 годишна возраст.
Филмовите ќе бидат прикажани во Гостивар, Делчево, Куманово, Неготино, Прилеп, Струга, Тетово, Велес, Охрид, Штип, Гевгелија, Битола и Кавадарци.
„Деновите на детски филм“ почнаа од Скопје минатиот викенд кога во киното „Фросина“ на Младинскиот културен центар беа прикажани „Пим и Пом – Големата авантура“ и „Детето фантом“. Во текот на мај планирано е во повеќе центри на културата низ државата да бидат прикажани анимираните филмови „Големата мечка“ и „Тор и легендата за Валхала“.
Синхронизацијата на филмовите е поддржана од Агенција за филм на Република Македонија.