Дебата на тема „Преведуваме светови, или само зборови?“ ќе се одржи во вторник со почеток во 19.30 часот во клубот ГЕМ.
За преводите и нивниот квалитет ќе дискутираат преведувачите Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Огнен Чемерски, Стефан Симовски (претседател на Здружението на преведувачи), Ксенија Чочкова (интернет обраќање), академик Влада Урошевиќ (автор и преведувач), Ирена Брежња (авторка, Швајцарија), но ќе има и поврзување преку интернет со дебатата во Сплит, во организација на ЗГ Курс.
Домаќин на дебатата ќе биде Роберт Алаѓозовски, а организатор е издавачката куќа Готен, во соработка со Европската мрежа за книжевност и книги Традуки. Со оваа дебата ќе биде одбележан 30. септември, Светскиот ден на преведувачите. Во духот на партнерите поврзани во мрежата Традуки
– Потребата за критички осврт кон преведувањето е голема во Македонија затоа што со неколкуте владини проекти се стекна впечаток дека состојбите во преводот се значително напреднати, со промоција на нова генерација преведувачи и унапредување на целокупната состојба во еснафот. Сепак, во јавноста, во разни прилики, беше укажано и на недостатоците кои ваквите големи проекти ги носат. Се случува да се ангажираат преведувачи без доволно искуство, преведувачкиот надоместок да е премал, да се преведува буквално, па дури и целосната продукција да е под стандардите. Тргнувајќи од овие почетни премиси, ќе се обидеме да ги согледаме генералните проблеми со преводната литература кај нас, проблемите на еснафот и статусот на преведувачите. Сакаме да укажеме на фактот дека преведувањето не е само на јазично, ами на многу поголемо ниво. Дека за квалитетен превод е потребно огромно познавање не само на јазиците, туку и на културите кои се преведуваат. Дека книжевниот превод е еден вид доближување на културите и имагинациите. Дека бара слобода, критичност и голем дух, кој во актуелната културна клима во земјата не се негува. И дека тој дух дополнително се притиска со краткоста на роковите и малите преведувачки надоместоци.
Во текот на дебата ќе се обидеме да оствариме скајп скајп врска со странски преведувачи и писатели, со што дополнително ќе ја зголемиме важноста на дебатата, вклучително и нејзината европска димензија. Преку таква врска ќе ни се обрати преведувачката Ксенија Чочкова, која во моментот живее во Германија, како и Ирена Брежна, чија книга „Неблагодарната туѓи(н)ка“ тукушто излезе во превод на македонски, чија тематика е токму преведувањето помеѓу два јазика и две култури, привилегијата што ја ужива но и забранетите табуа со кои секој познавач на два јазика и на две култури се среќава вели организаторот.
А.Б.