Гитаристот Дарко Багески в сабота, 3 декември, ќе одржи солистички концерт на вториот Интернационален фестивал и натпревар за гитара во Плевен, Бугарија (Pleven Guitar Festival).
На фестивалот ќе има учесници од 24 држави, а македонскиот гитарист ќе настапи во иста вечер со Герхард Рајхенбах од Германија, кој е негов поранешен професор на постдипломските студии.
На програмата ќе бидат изведени дела од Бах, Џулијани, Мерц, Вајс, Мирослав Тадиќ, Реис…
Дарко Багески (1981) е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастер-класи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член во жиријата.
Музичкото образование го почнал во Скопје, матурирал во Средно музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун. Се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара, како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис…
Имал голем број солистички концерти во Македонија, Хрватска, Србија, Германија, Грција, САД, Шведска…, настапувајќи како солист со камерни оркестри и со Македонската филхармонија.
Претседател е и основач на Здружението на класични гитаристи, како и уметнички директор и еден од основачите на Меѓународниот фестивал за класична гитара ТРЕМОЛО.