Дали писателката Лидија Димковска е „политички неподобна“ да биде прогласена за најчитан автор?

Од:

Според интернет страницата на Централната библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, најчитан автор за возрасни во 2015 година е Блаже Миневски, иако на 15 декември, директорката на библиотеката, Гордана Петревска ја информирала Лидија Димковска, познатата и наградувана македонска писателка дека таа ќе биде прогласена за најчитан автор во изминатата година.

На 15 декември, в.д. директорката на Библиотеката, Гордана Петревска и напашала на Лидија Димковска:

„Имам чест да Ви соопштам дека во ЈУ Градската библиотека Браќа Миладиновци – Скопје, според статистичките податоци, сте најчитаниот автор во 2015 година.

Официјалното прогласување ќе биде на 24 декември 2015. Бидејќи живеете во Словенија, Ве молам, информирајте не дали можете да присуствувате на тој чин.

Со почит,
Гордана Петревска
в.д.директор“

Кога Димковска која живее во Љубљана ја отворила интернет страницата за да се информира за утрешниот настан, бидејќи нејзините издавачи од Или-или и роднини сакале да присуствуваат на свеченоста и да се заблагодарат во нејзино име, видела дека не е воопшто спомната http://www.gbsk.mk/

На интернет страницата стои следново соопштение:

Најчитан македонски писател за 2015

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје Ве поканува на свеченото прогласување на најчитан македонски писател за 2015 година. Годинава тој епитет ќе го понесат творците Велко Неделковски, автор за деца и Блаже Миневски, автор за возрасни. Прогласувањето ќе се одржи во просториите на Библиотеката на 24 декември во 12.00 часот.

– Јас немав одговор на мојот мејл што и го испратив на Лидија и не знам што е причината за тоа. И да точно, таа е најчитан автор, но во категоријата „Најчитан писател што твори надвор од границите на Македонија“, а Миневски е најчитан во границите на Македонија, вели директорката Гордана Петревска за А1он.

На прашањето од кога постои оваа категорија, Петревска одговори дека ова признание го востановиле од годинава, а имале изработено и специјална плакета.

Дали ова експресно воведување на нова категорија што не е никаде спомената, се должи на тоа што Димковска ги има критикувано културните политики и состојбата со слободата на изразување во Македонија, не добивме одговор.

– Ме радува(ше) сознанието дека сум најчитана авторка и не ме интересираат нивните игри. Добив само едно писмо од директорката. Иако вчера и пишав мејл за да ја прашам во колку часот е свеченоста, таа не ми одговори. Значи немам никакви други информации. Грешката, ако е тоа, ја открив денес кога го отворив сајот на библиотеката за да видам во колку часот е свеченоста за да можам да ги известам најблиските во Скопје како и мојот издавач Или-Или да отидат.

Не знам како и зошто дошло до грешката, дали им откажал ситемот, иако не би требало, или сум навистина политички неподобна, до некој систем сигурно е работата., изјави за А1 он Лидија Димковска.

Откако В.д. директорката Петревска за А1он изјави дека не добила одговор од Димковска и дека од оваа година вовеле категорија „најчитан автор надвор од границите на Македонија“. Димковска одговори:

– Ниту во нејзината порака ниту на сајтот на библиотеката не се споменува категоријата „најчитан автор надвор од границите на Македонија“ така што сметам дека тоа е измислено ad hoc, за да се заташка вистината пред јавноста. Нема да ме изненади и ако набрзина напишале плакета.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска