Од денеска до 15 јули во рамки на „Скопско лето“ ќе се одржува „Летно кино“ со проекции од 21 часот. Наместо на отворено во Луна-парк, филмовите ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија.
Филмската ревија, на која се десет понови и наградувани филмови, ќе почне вечер со „Црниот лебед“ на Дарен Аронофски од 2010 година.
Од утре и во наредните денови ќе бидат прикажани и: „Мармадјук“ на режисерот Том Деј, „Образованието на самовилите“ на Хозе Луис Куерда, „Девет“ на Роб Маршал, „Осаменоста на простите броеви“ на Саверио Костанцо, „Тајна“ на Клод Милер, „Концерт“ на Раду Михаилеану, „Перси Џексон и олимпијците: Крадецот на громовите“ на Крис Колумбус, „Облачно со можност за врнежи од ќофтиња“ на Фил Лорд и Крис Милер и филмот „Долина на цвеќињата“ во режија на Пан Налин.
Влезниците ќе се продаваат на билетарницата на Кинотеката по цена од 50 денари, а 25 денари за ученици, студенти и пензионери.
Во филмската понуда на годинашното „Скопско лето“ е и ревијата на наградени филмови од годинашниот фестивал „Астерфест“, која ќе се одржи на 23 јули пред платото на Универзална сала.
На 16 јули, пак, повторно ќе биде прикажана драмата „Долга приказна“ од 2012 година на турскиот режисер Осман Синав, снимена според делото на Мустафа Кутлу. Во соработка со турскиот културен центар „Јунус Емре“, филмот премиерно беше прикажан ден по отворањето на годинашното „Скопско лето“.