Книгата COMPENDIUM PHILOSOPHIAE од д-р Бошко Караџов, неодамна излезе од печат, во издание на издавачката куќа „Аз-Буки“, како 76. книга во Библиотеката „Филозофија“.
Како што наведува издавачот, COMPENDIUM PHILOSOPHIAE претставува збирка на филозофски есеи, научно-популарни статии, научни огледи, расправи и други критички текстови од областа на филозофија на политиката, филозофија на јазикот, филозофија на културата и идентитетските теории.
Книгата е поделена во три дела. Во првиот дел со наслов „Онтологија на слободата“ се поместени есеи и огледи од областа на политичката филозофија кои говорат за вредноста на слободата низ призмата на анархо-пацифистичката филозофија, либертаријанската идеологија, марксистичката антропологија и минархизмот. Вториот дел е насловен „Филозофијата и јазикот“ и во него се приопштени критички текстови од областа на филозофијата на јазикот и јазикот на филозофијата. Во овој дел се говори за (не)оправданоста на опскурниот филозофски јазик, за софизмите и паралогизмите на античките ретори, за јазикот на дигиталната филозофска методика, за улогата на наративните дискурси во креирањето на историската вистина, за детскиот филозофски јазик и слично. Третиот дел носи наслов „Идентитет, предание и паганска политика“ и во него се вклучени научни расправи и анализи за македонското национално прашање, македонските културни политики и идентитетски стратегии.
Караџов е професор по филозофија и научен истражувач. Автор е на студијата Парадоксите на индуктивната логика („Аз-Буки“, 2020), како и на над 50-ина научно-филозофски текстови објавени во домашни и меѓународни филозофски и научни списанија.
Книгата наскоро ќе може да се најде во повеќето книжарници во Скопје и во Велес.