Краткиот анимиран филм „Човекот кој не сакаше да умре” во режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 13. Фестивал за анимирани филмови „Анилог” во Будимпешта. Проекцијата е во киносалата „Уранија“, најголема во унгарската престолнина.
Главните улоги ги толкуваат Висар Вишка, Никола Ацески, Милан Тоциновски и Драгана Левенска, а музиката е компонирана од Били Гулд, басист на рок-метал групата „Феит но Мор“ (Faith No More).
Филмот на Цветановски светската премиера ја имаше во Италија, а гостуваше и во Бразил, Србија, Полска и Македонија. Добитник е на наградата за најдобра анимација на фестивалот за хорор и фантастика „Хризантема“ во Србија. Во декември филмот ќе биде прикажан и на фестивалот „Аниматека“ во Љубљана.
„Човекот кој не сакаше да умре” е во продукција на Фх3х студио, а поддржан е од Агенцијата за филм на Република Македонија.