Песни од поетите Лидија Димковска, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски и Јулијана Величковска се објавени во четвртиот број на „Пунто“ – алманах на италијанската поезија.
Кусата антологија „Четири македонски поети“ е објавена во делот посветен за поезија од странство, препеана на италијански јазик.
„Пунто“ во моментов е една од најважните литературни публикации во Италија. На околу 280 страници се објавуваат рецензии, есеи, интервјуа и куси поетски антологии од различни поети.
– Овој избор е една претстава за она што го нуди поезијата во Македонија. Застапени се четири поетски гласа (рамномерно распоредени по род) со апсолутна релевантност во контекст на генерациите родени по седумдесеттите години, генерации кои што биле родени во Југославија, израснале во тешкиот период на транзиција и созреале во литературата како луѓе и поети во една млада и независна држава, пишува Лука Бенаси, еден од уредниците на изданието.
Алманахот ќе биде промовиран на книжевни настани низ цела Италија, во Милано, Џенова, Торино, Рим… Ќе биде дистрибуиран на поетски фестивали и на Саемот на книгата во Рим „Пју либри пју либери“ во декември годинава.