Четири пантомима-претстави на шестиот „Панфиз“

Од:

Четири претстави со гости од САД, Финска и од Србија ќе бидат изведени на 6. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, кој ќе се одржува од 1. до 4. октомври во Македонскиот народен театар.

Во вторник фестивалот ќе биде отворен со „Чуда без зборови“ на пантомимичарите Рик Вејмер и Лори Хелд од Тусон, САД. Вејмер гостуваше на „Панфиз“ во 2008 година и ја доби наградата на фестивалот.

На 2 октомври ќе гостува Адам Дариус, познат пантомимичар и доајен на балетската уметност од Финска кој живее и работи во САД, и заедно со Казимир Колесник ќе ја изведат претставата „Башо – Дух збришан од ветрот“. Се работи за физичка транскрипција на хаику-поезија од хаику-авторот од 17 век Башо.

Дариус и Колесник на 3 октомври на малата сцена на МНТ ќе одржат театарска работилница, а вечерта на фестивалската програма е пантомимата „Нарачан концерт“ на две учеснички од Белград – Милица Гутовиќ и Софија Главичиќ.

Шестиот „Панфиз“ идниот петок ќе биде затворен со пантомимата „Омнибус плус“ во изведба на членови од Друштвото на глуви и наглуви од Врање. Се работи за спој од две претстави – „Љубов“ и „Омнибус плус“ на кој работел Трајче Георгиев, директорот на „Панфиз“. Изведувачите се лица со оштетен слух, вработени во други дејности, а се ангажирале во  претставата сакајќи да научат пантомима и физички театар.

Фестивалот ќе заврши со доделување на наградата за најдобра претстава, која е парична и спонзорирана од Росен Пацов од Ботевград, Бугарија.

Наместо во март/април, „Панфиз“ годинава се одржува наесен затоа што  организаторот ги чекал резултатите од Годишната програма за поддршка на проекти кои Министерството за култура  ги објави во јануари, зашто според средствата што му се на  располагање ги планирал гостите и претставите. Оваа година поддршката е помала од лани – наспроти 350.000 денари минатата година, за „Панфиз 2013“ Министерството за култура одобрило 200.000 денари.

– Има прекрасни претстави и луѓе што прават магични работи, но чергата е толку. Поради малку финансии, фестивалот трае само четири дена, помалку и од првото издание кога имавме седум дена со по две претстави, рече Георгиев.

Фестивалот се одржува пред се со ентузијазмот на организаторот и со поддршка на неговите пријатели и учесници на минатите изданија. Георгиев додаде и  дека  пантомимата е жанр за кој во Македонија се уште нема интерес. Не биле прифатени ниту неговите иницијативи за основање физички театар (мимодрама) какви што има низ светот, а поради немање средства му била одбиена и идејата за отворање катедра за пантомима на Факултетот за драмски уметности за што тој разработил и четиригодишна програма. Младите од Македонија што ја сакаат пантомимата ја студираат во Софија.

– Од директори на театари до актери како да се  плашат од ангажман во таков проект. Имаме пантомимичари кои можеби не ги знаете зашто се осудени да работат во трговски центри и на родендени, рече директорот на  „Панфиз“.

Би можело да ве интересира

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање