Втора година по ред Македонија ќе учествува на „Four River Film Festival“ кој по осми пат ќе се одржува во Карловац, Хрватска, од денеска до 27 јуни.
– На фестивалот за млади режисери и вљубеници во филмот ќе учествуваат и четворица тинејџери од Македонија – Анастасија Бошкоска, Лидија Јовановска, Софија Синадиновска и Кристијан Јанкулоски. Токму едноминутниот филм „Убиец на планетата“ на Лидија Јовановска ученичка во скопската гимназија „Георги Димитров“ ќе биде прикажан и е влезен во главната конкуренција на фестивалот во Карловац. Филмот на Лидија е навистина оригинален и поучен и преку кратки сцени и дијалози го претставува значењето на водата денес – водата како непроценлив извор на животот, соопшти Агенцијата за филм на Република Македонија.
„Џифони Македонија“ во соработка со Агенцијата на Филм ќе организира и вечер „Фокус на Македонија“ на која ќе бидат прикажани три краткометражни филмови, меѓу кои „Бардо“ на Марија Апчевска, „Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески и „Човекот со чудна навика да ме мава со чадорот по глава“ на Вардан Тозија.
За време на фестивалот, тимот на „Џифони Македонија“ ќе одржи и две работилници – за едноминутни филмови и за фото-есеј.
– Ова е уште една можност за успешна промоција на македонската кинематографија, а истовремено е неповторлива прилика за младите да научат нешто повеќе за филмот и да добијат значајно меѓународно искуство, информира Агенцијата за филм.