Четири филма во Кинотека на Деновите на словенечка култура

Од:

Денови на словенечката култура организира Кинотеката од денеска до недела, со четири филма од словенечки автори. Програмата ќе биде во рамки на Прешерновите денови и во знакот на сто години од раѓањето на словенечкиот режисер и публицист Франце Штиглиц (1919-1993).

Штиглиц режирал и два македонски играни филма од пионерскиот период на нашата кинематографија – „Волча ноќ“ од 1955 и „Виза на злото“ од 1959 година.

Од 20.30 часот вечер ќе биде прикажан „На својата земја“ кој Штиглиц го режирал во 1948, снимен по романот на словенечкиот писател Цирил Космач. „На својата земја“ е првиот словенечки долгометражен игран филм, кој учествувал во натпреварувачката селекција на Канскиот фестивал во 1949 година.

Во Кинотеката утре ќе бидат прикажани два филма. Од 18 часот е филмот „За душа“ во режија на Матјаж Клопчич, според истоимениот роман на Бено Зупанчич, снимен во 1969 година. Настаните се случуваат во Љубљана за време на Втората светска војна и окупацијата од италијанската фашистичка војска.

Од 20 часот утре ќе биде прикажан и „Долина на мирот“ од 1956 година, во режија на Франце Штиглиц кој е, исто така, за Втората светска војна, на границата на Словенија и Австрија. Филмот беше учесник на Канскиот фестивал во 1957, а американскиот актер Џон Кицмилер за улогата на пилотот ја доби „Златната палма“ за најдобра машка улога.

Последниот филм од програмата е „Вистински копилиња“ по сценарио и режија на Јоже Бевц од 1977, кој ќе биде прикажан в недела од 20 часот. Се работи за комедија, позната и под насловот „Мангупи“ и е еден од најпопуларните филмови во словенечката кинематографија.

Програмата за Деновите на словенечката култура е подготвена во соработка со Словенечкиот филмски архив при Архивот на Република Словенија, Словенечкиот филмски центар, Амбасадата на Словенија и Словенечкиот културен центар во Скопје. Влезот за посетители е слободен.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање