Министерството за култура донесе решение за разрешување на Маја Чанаќевиќ од функцијата директор на Македонската филхармонија. За вршител на должноста директор во оваа национална установа е назначен Виктор Илиески, кој е член на ансамблот на Филхармонијата.
Образложувајќи ги причините за разрешувањето на досегашната директорка кои биле утврдени од инспекциските служби, Министерството наведува дека таа не го усогласила работењето со законските одредби и Статутот на установата. Чанаќевиќ немала донесено годишна програма за работа на установата за 2016 и за 2017, а меѓу неправилностите е и тоа што делела гратис билети над бројот утврден со Одлуката на Управниот одбор.
– За свечениот концерт за отворање на новата концертна сала директорката поделила дури 636 гратис билети од вкупно 960 билети, без прецизна евиденција кому се доделени билетите. За двајца вработени музичари кои според евиденцијата подолг временски период не доаѓале на работа, директорката не презела мерки согласно со Закон и Статут, при што на едниот од нив за вршење работни задачи кои не се во описот на неговото работно место, покрај платата, дополнително му исплатила 550.683 денари бруто, пишува во образложението на Министерството за култура.
Директорката, наведува Министерството, немала изготвено решенија за распоредување на вработените на работни места согласно новите акти за систематизација и внатрешна организација на работните места.
– Директорката направила трошок за мобилен телефон над одобрениот максимум, но нив не ги надоместила во благајната на Филхармонијата, со што не ја почитувала Одлуката на Управниот одбор. Директорката не спровела постапката за реаудиција, Филхармонијата нема воведено електронски систем за евиденција на работното време на вработените, наведува Министерството за култура, додавајќи дека „именувањето в.д директори се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции кои досега беа заробени од партиски кадри“.
Наскоро ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници со цел, како што е посочено во дописот, да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.
– По исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување нови директори на националните установи, пишува во соопштението ан Министерството за култура.