Министерството за образование и наука со низа активности одбележа едно столетие од раѓањето на една од најважните личности за македонскиот јазик, нашиот голем книжевник, деец, поет и академик Блаже Конески. Сите овие активности се во насока на зголемување на афирмацијата на неговото име и дела, но и поттикнување на нашите и светските лингвисти, студенти, научници да дадат свој придонес во негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, кој како и сите други јазици е жива материја во која треба да се вложува, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на завршната манифестација „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, со која беше заокружено чествувањето на великанот.
Царовска нагласи дека Конески, со нему својствена упорност и борба, успеал јазикот на едно мало парче земја, на еден мал народ, да го вклучи во семејството на светски признаени јазици и нам да ни го остави како аманет. И покрај убедувањата на неговите колеги лингвисти да се посвети на проучување на светските јазици, тој продолжил да се занимава со унапредување на мајчиниот, македонскиот јазик и неговата кодификација.
-Делото на Конески нема смисла, ако ние не ја продолжиме неговата мисија. Ако не го сочуваме неговиот труд и дела од заборав. Бидејќи јазикот, уметноста и културата ја даваат смислата на нашите животи и постоење. Тие се конецот, којшто ги испреплетува минатото, сегашноста и иднината на еден народ, посочи Царовска.
Во оваа смисла, со цел да се зголеми интересот на студентите за академско изучување на Македонскиот јазик и книжевност, првпат се воведени стипендии. Зашто, како што укажа Царовска, кога дошла за министерка, пред година и половина, немало студентите кои сакаат да се запишат на македонистика, а токму оваа студиска група треба да биде расадник на нови генерации учители кои ќе им го пренесуваат на учениците стандардниот, македонски литературен јазик.
Министерството за образование и наука оваа година организираше и Конкурс за творби инспирирани од животот и делото на Конески, а 27 ученици, во различни категории, беа избрани како најдобри.
Во рамки на темелната реформа на националниот образовен систем, опфатено е и изучувањето на македонскиот јазик. Со новите наставни материјали за македонски јазик во 4. одделение, на многу поедноставен и посликовит начин се приближува јазикот до најмладите, а таквиот пристап ќе продолжи да се применува и во погорните одделенија, за кои исто така се подготвуваат нови наставни материјали.
-Потребно е да вложиме максимална енергија и да го продолжиме тоа што го почна Блаже Конески. Не смееме да го изневериме. Тоа би било најголемо предавство за сите нас. Затоа е потребна, пред се, лична одговорност, но и институционален пристап за да ја исполниме обврската што ја имаме за унапредување и негувањето на нашиот македонски јазик“, рече Царовска во обраќањето, што го заврши токму со песната „Обврска“ на Конески.