Бранко Цветкоски и Абдулах Сидран добитници на „Книжевно жезло“

Од:

Македонскиот поет Бранко Цветкоски и босанскиот поет Абдулах Сидран се добитници на наградата „Книжевно жезло“ што Друштвото на писателите на Македонија традиционално ја доделува за творечки опус со осведочени  естетски  дострели.

Ова високо признание, како што се наведува во соопштението од ДПМ, се доделува во рамки на меѓународната манифестација „Празник на липите“ што се одржува во организација на Македонската писателска асоцијација.

Бранко Цветкоски е автор на петнаесет стихозбирки кои оставија свој печат во развојните текови на македонската поезија во изминатите четири децении. Меѓу неговите најзначајни поетски книги се вбројуваат „Свијок“, „Високи ветрови“, „Пресна пепел“, „Молитвен веј“, „Синори“ и „Оган во обрачи“.

Добитник е на високи книжевни признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Димитар Митрев“, „13 Ноември“ на Град Скопје и на  државната награда за животно дело „Св. Климент Охридски“. Неговото творештво е презентирано на десетина јазици во светот во посебни книги, како и во низа антологии на современата македонска поезија. Добитник е на значајни признанија во Русија, Бугарија, Азербејџан и Турција.

Босанскиот поет Абдулах Сидран во литературата се појави во средината на седумдесеттите години на минатиот век, во генерацијата на млади поети кои  внесуваа низа иновации на мотивско-тематски и стилско-изразен план. Автор е на книгите „Шахбаза“, „Коска и месо“, „Сараевска збирка“, „Болест од душата“ и „Песни после војната“. За својата поезија е наградуван со значајни книжевни и општествени признанија-Шестоаприлска награда на град Сараево, Годишна награда на Друштвото на писателите на БиХ, Годишна награда на издавачката куќа „Светлост“ од Сараево, Змаевата награда… Избори од неговата поезија се објавени во Австрија, Франција и Италија.

Во 2012 година во издание на издавачката куќа „Везилка“,  во препев и со поговор на Ристо Лазаров, на македонски јазик излезе избор од неговата поезија „Партизански гробишта“. Абдулах Сидран е еден од најзначајните современи филмски автори. Познати се неговите филмови „Се сеќаваш ли Доли Бел“ и „Татко на службен пат“ на режисерот Емир Кустурица.

Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централната приредба на манифестацијата „Празник на липите“ во јуни идната година. ДПМ ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, босански и англиски јазик.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска