Богатство наоди во подводниот локалитет Врбник

Од:

Контролно сондажно истражување за покомплетна слика за стратиграфијата и хронологијата на Врбник беше целта на годинашното истражување на овој подводен археолошки локалитет во Охридското Езеро кај Струга.

Директорот на музејот „д-р Никола Незлобински“ Сашо Цветкоски, под чија надлежност се вршат истражувањата информира дека подводните археолози истражувале во слојот, кој и припаѓа на железновременската палафитна населба.

– Се потврди богатството со наоди меѓу кои се издвојуваат седум кружни  рибарски тегови, три макарести тегови, биконичен пршлен, фрагмент од бокал со засечен врат, едно помало топчесто садче, повеќе фрагменти од стомаци од садови, железен врв од копје, изјави Цветкоски, додавајќи дека се работи за стерилен слој каде што нема други културни слоеви.

Досегашните истражувања, како што истакна, биле површински во слој од околу 20 сантиметри, до слој од „стерилна“ глинеста земја.

– Продолживме каде што застанавме минатата година, но сега малку ги проширивме истражувањата, систематски на одреден дел односно на одредени сонди и ја следевме стратиграфијата. Од дното на езерото влеговме некаде од два метри до 2,20 следејќи ги колците, кои беа поставени на тие места. Тоа за нас беше исклучително важно, бидејќи изминатите години го следевме Врбник како локалитет и ги утврдувавме неговите граници, а во иднина ќе ги префрлиме истражувањата и на останатите сонди, кои веќе ги имаме маркирано, рече Цветкоски.

Пред почетокот на истражувањата археолозите од Струшкиот музеј биле во контакт со Истражувачкиот центар за подводна археологија во Задар. Стручни лица од овој центар трбало да се вклучат во експедицијата во Врбник, но поради тамошни активности не присуствувале.

Според подводниот археолог Никола Паскали, претходните години локалитетот Врбник бил истражуван систематски, поделен на два сегменти од по 50 метри. Архолозите, додаде, истражувале под површинскиот слој и стигнале до слој на глина. – Оваа година имавме за цел да слеземе подлабоко да видиме што кријат подводните слоеви. Избравме еден квадрат за да го истражиме сондажно. Во глината може да се забележат повеќе слоеви, кои со натамошната обработка на материјалите што ги собравме оваа година, во соработка со геолози и останати институции кои ја следат оваа проблематика ќе бидат истражувани. Досегашните пронајдени артефакти говорат дека во овој подводен локалитет во железното време се одвивал  интензивен живот, рече Паскали.

Локалитетот Врбник е праисториска наколна населба со голема површина и многу богата со фрагментиран керамички материјал. Низ слоевите земја можат да се најдат железни и бронзени предмети што се користеле како оружје, орудија и предмети за украс, накит, обетки,  керамички садови, што говори за интензивен живот во оваа населба во железното време. Со досегашните археолошки активности констатирана е палафитна населба на поголема површина од околу 100 на 50 метри, со над 500 колци. Истражувањата ќе се продолжат и наредната година со цел да се добијат повеќе информации за животот на оваа населба во праисторискиот период. 

Би можело да ве интересира

Изгаснат е пожарот во Безистенот во Струга, зафатена кровната конструкција

ВИДЕО: Гори Безистенот во Струга

Катерина Ѓуровски

Левица: Во јадрото на Старата струшка чаршија се гради незаконски без одобрение за градба

Горан Наумовски

Кривична за стружанец поради предизвикување пожар, запалил трева и ѓубриште, па си заминал

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

Струга домаќин на 13. државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини 2024“