Викендов во рамки на програмата на битолското културно лето „БитФест“ ќе се одржат девет настани со различна културна содржина на кои, на повеќе локации и сцени, ќе настапат гости од државата и од странство.
Во амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис вечер од 20 часот концерт ќе одржат членовите на македонското младинско друштво „Никола Карев“ од Мелбурн, Австралија.
– Станува збор за едно од најактивните фолклорни друштва во Австралија кое ја негува македонската традиција, обичаи и фолклор, а во нашиот град ќе престојуваат младинците кои пред битолската публика ќе понудат богата програма подготвувана во Мелбурн, информираат од општина Битола.
Во Битола вечер почнува и дводневниот детски фестивал „СИ-ДО“ кој ќе се одржува на плоштадот „Магнолија“, а утре напладне на истата локација ќе се одржи и манифестацијата „Битолска народна вртелешка“.
Богатата викенд понуда на битолското културно лето „БитФест“ утревечер ќе биде исполнета со две театарски претстави. Во пациото на битолскиот Музеј ќе гостуваат актерите на Драмски театар-Скопје кои ќе ја изведат претставата „Чија си“, а на платото пред Дом на АРМ ќе биде одиграна претставата „Фактор жена“.
В недела напладне, во рамки на „БитФест“, на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе се одржи традиционалната изложба на олдтајмери, а во културниот центар „Магаза“ во 20 часот ќе биде презентирана манифестацијата „Ајри Демировски низ призмата на музиката“, информираат од општина Битола.