Издавачката куќа „Блесок“ во едицијата драмски текстови „Гестус“, ја објави книгата со собрани драми од Срѓан Јаниќијевиќ „Купидона и други драми“.
Петте драми објавени во книгата се напишани и изведени во периодот 2005-2013. Веднаш по промоцијата, книгата ќе биде објавена и во електронски формат.
Книгата драми од Срѓан Јаниќијевиќ (како и претходните две, од Слободан Шнајдер и Биљана Србљановиќ) ја приреди проф. д-р. Јелена Лужина која во предговорот, меѓу другото, вели:
Кажано сосема поедноставено: драмата е дејство што сега – токму сега, додека ние гледаме! – интензивно го извршуваат неговите ликови. Кои, за да дејствуваат, мора и да се движат, и да зборуваат, и да размислуваат поинаку од „хартиените“ прозни субјекти. За да ги направи такви, да ги задоволи овие важни предуслови, драмскиот автор мора успешно да ги совлада трите клучни занаетчиски вештини: поинаку да го обмисли/структурира самото дејство, прецизно да ги дефинира ликовите што тоа дејство ќе го „одработат“ и – можеби најважно – на тие ликови да им ги напише конзистентните и ефикасни реплики кои навистина ќе бидат драмски/дејствени а не литературни/раскажувачки. Јаниќиевиќ се вбројува во она драгоцено малцинство македонски драматичари кои сите три вештини ги владеат беспрекорно. Таквите обично ги нарекувам „драматичари со тешка рака“. Само таквите умеат а) да мислат бргу, б) во лет да смислуваат акции (дејства) што ќе бидат очудени, изводливи и функционални дури и тогаш кога ќе мораат да се редуцираат само на неколкуте најбитни мигови, в) прецизно да ги профилираат ликовите кои ќе бидат лесно препознатливи, впечатливи и дејствено ефикасни, г) на тие ликови да им „обезбедат“ директни и јасни реплики, артикулирани во кратки и брзи реченици и д) сето ова да го „потурат“ со важни и точно дозирани количества хумор, иронија, тага, радост, критичност, цинизам, откаченост, мудрост, лудост…
Под мотото „За да ви се преврти умот. Нежно како ракавица.“ Блесок ќе ја промовира книгата собрани драми од Срѓан Јаниќијевиќ „Купидона и други драми“ на 4 јуни во 21,30 часот во МНТ, во рамките на Меѓународниот театарски фестивал. На оваа промоција со пеење и глума ќе учествуваат петнаесетина актери и пејачи, а промоцијата ќе продолжи со забава со DJ Новоградска.