Во Истанбул, Република Турција денеска завршува 33. меѓународен саем на книгата на кој годинава, според податоците на организаторите, учествуваа 850 издавачи и невладини организации од Турција и од целиот свет. Овој податок, заедно со бројот на посетители (годинава се очекува да биде надмината минатогодишната бројка од 2,5 милиони посетители), овој саем го вбројува меѓу најголемите и најзначајните саеми на книгата во Европа – Франкфурт, Лондон, Москва…
Од Република Македонија со преводи на турски автори, на посебни штандови се претставија книгоиздателствата „Бата прес“ со изданијата на македонски јазик и „Шкупи“ со преводите од турски на албански јазик. Овие македонски книгоиздателства беа официјални гости на Министерството за култура и туризам на Република Турција, во првата, меѓународна саемска хала, бидејќи во рамки на Теда проектот имаат објавено најмногу дела, преводи од најреномирани турски автори на македонски, односно албански јазик.
Во оваа меѓународна саемска хала македонските издавачи имаа свои штандови, заедно со издавачите од Унгарија, Русија, Иран, Хрватска, Албанија, Грузија, Германија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Франција и други земји…
Од Министерството за култура на Република Македонија, Саемот го посети и државниот секретар Бехиџудин Шехапи, кој оствари средби со претставници на министерствата за култура од соседните и од други земји, а скромната промоција на творештвото од Република Македонија и оваа година му беше доверена на Сојузот на албански издавачи.