Басара и Попов ги примија наградите „Прозарт“

Од:

Со врачување на наградите за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот на годинашниот и на ланскиот добитник, Алек Попов и Светислав Басара, синоќа беше затворено седмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“.

Наградите им ги врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

Лауреатот за 2018 година, Светислав Басара, кој поради здравствени причини, лани не можеше да дојде во Скопје, се заблагодари за признанието и за трпението што го имале организаторите на фестивалот. Тој ги цитираше зборовите на турскиот писател Тарик Туфан, исто така гостин на фестивалот, дека „она што се случило, се случило, она што не се случило, исто така се случило“.

– Еве ви жив доказ за тоа. Ова требаше да се случи пред една година. Минатата година бев спречен да дојдам, а фестивалот имаше една година да размисли дали да ме бара или да бара друг добитник и остана свој на своето, што мене ми е особено драго и особено ми е драго што по 30 години сум повторно во Скопје, иако во Македонија сум бил на други места, и што поминав три убави дена со драги луѓе, за што ви благодарам, рече Басара.

Годинашниот добитник на наградата Алек Попов, пак, кажа дека „тука на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија“.

– Шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложни секој ден. Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција сме загубени. Колку и банално да звучи ова, рече Попов, заблагодарувајќи се за наградата „Прозарт“.

Тој прочита извадок од „Сестри Палавееви“, а и кус расказ под наслов „Гласот на Старата чаршија“ за мало девојче кое во еден момент станува господарка на светот.

– Ја прифаќам оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии – барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата и да се фокусирам точно на закачката и намигнувањето. Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на „центарот и на периферијата“. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот. Големата господарка!, рече Попов.

Во чест на наградениот Алек Попов, вечер во Кинотеката во 21 часот ќе биде прикажан филмот снимен според неговото сценарио „Мисија Лондон“ (2010), а по проекцијата публиката може и да поразговара со него и со неговиот промотор Прокопиев.

Фестивалот „Про-За Балкан“ е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винарницата „Бовин“

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска