Балетското дело „5 до 12“ на Игор Киров утревечер на „Охридско лето“

Од:

Балетскиот спектакл „5 до 12“ на нашиот истакнат уметник Игор Киров, на музика на Кирил Џајковски, а во изведба на Балетскиот ансамбл при Хрватското народно казалиште од Сплит утревчер премиерно ќе биде изведен пред фестивалската публика на „Охридско лето“.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска најавувајќи ја утрешната балетска претстава „5 до 12“ потсети дека исклучително позитивните критики на стручната јавност по нејзината неодамнешна премиерната изведба во Сплит, како и овациите од страна на публиката, се гарант за несекојдневно доживување што и се нуди и на фестивалската публика во Охрид.

– Станува збор за исклучително балетско остварување, интересна приказна со посебна порака, со магични коцки што го претставуваат животот и начинот, како се донесуваат одлуките низ животното патување, истакна таа.

Кореографот на „5 до 12“ Игор Киров за неговото последно остварување рече дека е резултат на соработка на проверен тим, со Кирил Џајковски и Александар Ношпал како костимограф, секако и врвните уметнички вредности на балетските уметници од ХНК во Сплит.

– Зошто „5 до 12“, затоа што на овие балкански простори одлуките се носат во последен миг. Животот е една коцка и кога таа ќе се преврти на еден начин, тоа што го добиваме така и го живееме животот, рече Киров.

Одлуката Џајковски да ја прави музиката за делото, Киров истакна дека тоа произлегува оттаму што авторот создава музика базирана врз некој пристап што и е познат на публиката од Љубљана до Гевгелија.

– Музиката на Кирил е добро позната на овие простори, а истовремено со тие етно примеси одлично соодветствува на пораката што сакав да ја пренесам со осмислувањето на ова дело, појасни тој.

За соработката со ХНК од Сплит тој истакна дека уште при првата средба со балетските уметници од Хрватска ја препознал нивната желба за работа на едно поинакво балетско остварување, едно модерно дело.

Директорот на ХНК од Сплит, Динко Богданиќ, инаку и самиот познат хрватски кореограф и балетски играч со светско реноме, рече дека одлуката за соработката со Игор Киров била донесена уште кога како член на жири-комисијата на фестивалот „Минијатури“ во Белград го препознал неговиот талент.

– Ова е првпат по 40 години еден македонски кореограф да поставува балетско дело во Хрватска. Киров преку интензивна седумнеделна напорна работа со нашите уметници, инаку танчери кои пред се изведуваат класични балетски дела, успеа со нив да изгради посебен однос и се надевам дека публиката тоа ќе го препознае, исто како што тоа беше на премиерната изведба во Сплит, рече Богданиќ.

Првиот сплитски професионален балетски ансамбл е основан во 1940 година од страна на реномираната балерина Ана Роје. Таа, по завршувањето на своето школување во Загреб и во Лондон, се враќа во родниот Сплит, каде што заедно со својот сопруг, исто така познат балетски играч – Оскар Хармош, ја основа првата балетска школа. Оттогаш, Балетот на Сплитскиот народен театар работи постојано изведувајќи ги речиси сите познати класични балетски дела.

Последниве години Балетот на Сплитскиот народен театар премиерно извел голем број значајни дела, меѓу кои „Дон Кихот“, „Жизел“, „Бајадера“, „Ромео и Јулија“, „Лебедово езеро“, „Кармина Бурана“ и многу други. Покрај настапите на домашната сцена, Балетот на Хрватскиот народен театар во Сплит бележи и многубројни гостувања надвор од земјата. Од 2012 година директор на Балетот на ХНТ во Сплит е токму Динко Богданиќ, добитник е на голем број награди, ордени и признанија за своите достигнувања на полето на балетот во Хрватска, но и надвор од неа.

Би можело да ве интересира

Двојна изведба на балетската претстава „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски

На Денот на шегата и маските уште две претстави на „Петар Пан“

Ана Ололовска

Балетската претстава „Жизел“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус

Ана Ололовска

Националната опера и балет со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон” во Пловдив

Ана Ололовска