Во Битола синоќа заврши 24.издание на Фестивалот на класична музика „Интерфест“, на кое годинава настапија уметници од 11 држави во Европа.
Според уметничкиот директор на фестивалот, Милица Шперовиќ Рибарски, годинава најимпресивни биле настапите на Македонската Опера и Балет (МОБ) со балетот „Шехерезада“ и ноќната серенада со наполитански песни која ја приредија дуото, мајката и ќерката Марија Збеглија-пијано и Емилија Замунер-сопран од Италија.
– Имавме прекрасни концерти изведени на високо, светско ниво, но сепак мора да издвојам дека свеченото отворање беше незаборавно и сјајно, а тогаш настапи МОБ со големата примабалерина Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили кои го изведоа балетот „Шехерезада“. Лично мислам дека балетот е антологиски, врв во однос на кореографијата и изведбата на целиот ансамбл. Во продолжение на „Интерфест“ имавме богата понуда со перфектно музицирање на уметниците, а ќе ја издвојам и ноќната серенада со Емилија Замунер-сопран која мислам дека Гервшин го пее подобро и од „негро“ пејачите во придружба на нејзината мајка Марија Збеглија-пијано, од Италија, истакна Шперовиќ Рибарски по синоќешното затворање на фестивалот.
На „Интерфест“ настапија уметници од Русија, Естонија, Германија, Шпанија, Кипар, Турција, Романија, Италија, Босна и Херцеговина, но и од Македонија.
– Пред својата публика, во својот роден град одлично се претстави пијанистиката Маја Стојановска која сега е професор во Лисабон, Португалија. Како многу значаен настан го оценувам фестивалскиот омаж за битолскиот писател Владимир Костов кој за овој „Интерфест“ напиша драмолет во кој настапија актерите Александар Стефановски и Марија Ѓаковска. Имавме и друга понуда, дисперзиран концерт во Скопје, и мастер клас со Дејан Ивановиќ-гитара од Босна и Херецеговина, и тоа се навистина впечатливи податоци за 24.издание кое воедно го најавува 25.издание или четврт век „Интерфест“, нагласи Шперовиќ Рибарски.
Фестивалот на класична музика „Интерфест“ секоја година се одржува под покровителство на македонското Министерство за култура и Советот на општина Битола.