Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс ламина“ по повод Светскиот ден на раскажувањето сказни денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ организираат средба со деца-првачиња кои ќе слушнат приказни од едицијата „Бајки од Македонија“.
Приказните кои произлегуваат од усната раскажувачка традиција во Македонија на најмладата популација ќе им ги раскажат млади актери.
– Волшебните приказни од оваа едиција претставуваат модернизиран и адаптиран приказ на сказни од македонското народно творештво собрани од Марко Цепенков и Танас Вражиновски, а публикувани од издавачката куќа „Арс ламина“, соопштија организаторите кои на настанот ќе објават и донација за градските библиотеки низ Македонија.