Актерот Марин Бабиќ на својот фејсбук профил објави писмо до нобеловецот Орхан Памук, напишано на македонски и на англиски јазик.
По иницијатива на неколку македонски интелектуалци, преку социјалните мрежи се повикуваат сите кои се согласуваат со оваа порака да стиснат „лајк“, а потоа ова писмо ќе му биде испратено лично на писателот Памук.
Тој ја доби книжевната „Табернакул“, која на 25-ти декември, во Скопје, треба да му ја врачи премиерот Никола Груевски.
„Почитуван Г-дине Памук општо е познато дека Вие сте жесток критичар на владеењето на турскиот премиер Ердоган. Дури бевте и притворен заради учество Ваше на, за нас историските, протести во Истанбул.
Бевте заедно со многу мои колеги Глумци во првите редови и жестоко се спротивставивте на тиранијата. Бевте скоро директен сведок на смртта на шесте млади момчиња. Бевте сведок кога Коч ги отвори вратите на својот хотел и ви помагаше на протестантите. Бевте сведок кога ви го скинаа интернетот и повторно Г-динот Коч ви овозможи повторна комуникација со светот. Зошто Ви пишувам?!
Па добитник сте на наградата Табернакул која е под покровителство на нашиот Ердоган. Контрадикторно ќе биде ако ја примите. Ве молам одбијте ја и со тоа и нам ќе ни помогнете. Оваа награда е спонзорирана и ќе Ви биде врачена од страна на нашиот сопствен Ердоган. Ни се чини дека ќе биде апсолутно несоодветно ако ги прифатите наградата и нејзиното врачување.
Ве молиме да одбиете да ја прифатите оваа награда. На тој начин ќе и’ помогнете на нашата борба против тиранијата и диктатурата во нашата земја. Се надеваме дека повторно ќе го дигнете гласот против угнетувањето“, пишува Бабиќ во писмото упатено до нобеловецот.