Авторски концерт на композиторите Дамјан Темков и Филип Иванов вечер ќе се одржи во Музејот на Град Скопје. На концертот ќе прозвучат дела од двајцата композитори во изведба на Марија Вршкова, Гонца Богоромова – Краповски, Анастасија Грговска, Владимир Костов, Мартин Димитров, Бојан Талески и Паскал Краповски.
Дамјан Темков (1981) припаѓа во групата афирмирани македонски композитори. Средното музичко училиште го завршил на отсекот по пијано, а во 2006 дипломирал во класата на Гоце Коларовски. Во 2012 година магистрирал во класата на Сони Петровски. Во текот на образованието е добитник е на повеќе државни награди по камерна музика, пијано и солфеж. Традицијата на освојување награди ја продолжува и со своите ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ каде е вработен како наставник по композиција, музички форми и хармонија од 2007 година до денес.
Филип Иванов (1992) средно музичко образование завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Дипломирал композиција на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. Сони Петровски. Иванов е еден од најистакнатите композитори на младата генерација, чии дела се постојано присутни на македонската музичка сцена и во странство. Голем број од неговите композиции се наградени на конкурси распишани од Министерството за култура.
Иако млад, опусот на овој композитор е прилично богат, автор е на повеќе солистички, камерни и оркестарски дела. Неговиот стил на компонирање се заснова на принципите на апсолутната музика (слободна, потполна, независна, чиста инструментална музика без програма или програмски наслови).