Балетската претстава во два чина „Ана Каренина“ со одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски повторно на сцената на Националната опера и балет на 5 јули, со почеток во 20.00 часот.
Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичка, но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој.
Во повеќе од два часа, балетските уметници на НОБ, на чело со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења на Марија Кичевска Шокаровска како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски, Васил Чичијашвили од Грузија како гроф Каренин, ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…
Моќна, динамична, емотивна…!