Ана Бландијана лауреат на 58. СВП – поетеса и борец против режимот на Чаушеску

Од:

За мене како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај струшкиот мост…

Ова, меѓу другото, го пишува во пораката по повод прогласувањето за лауреат на 58. Струшки вечери на поезијата Ана Бландијана – псевдоним на 77-годишната поетеса од Романија – Отилија Валерија Коман. Таа се вбројува меѓу најдобрите современи европски поети, ѝ припаѓа на поетската генерација од 1960-тите години и е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

Одлуката Бландијана да биде годинашен венценосец на СВП денеска ја соопштија директорот и претседателката на Управниот одбор на поетскиот фестивал, Тодорче Тасевски и Елизабета Шелева, а на прогласувањето присуствуваше и романскиот амбасадор во земјава, Виорел Станила.

Во беседата за Бландијана и за нејзиното творештво, Шелева рече дека таа е и борец што стои на страната на правдата и вистинските вредности.

-Ана Бландијана е несомнено моќен и впечатлив поетски глас, но таа денес, не помалку е и симбол на бунтот против тоталитаризмот на Чаушеску, време кога нејзиниот татко бил прогонуван и затворан само поради фактот што работел како свештеник, додека самата Ана во младоста, а и подоцна – цензурирана и прогонувана како една од многуте невини колатерални жртви на режимот, рече Шелева.

За нејзината поезија истакна дека „не флертува со помодното и површно допадливо пишување“, туку дека е критички настроена и суштински загрижена поради загубата и отсуството на слобода во, како што рече, современо-историската бездна среде која е стаписано човештвото. Лириката на Бландијана, рече Шелева, има медитативна, понекогаш исповедна интонација обележана од постојаниот егзистенцијален немир и длабоката запрашаност над темелните дилеми на човековата судбина.

-Творештвото на Ана Бландијана претставува значаен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време како што е нашето…, рече Шелева во беседата за романската поетеса.

Ана Бландијана (уметнички псевдоним кој е спој на заѕиданата Ана од романските легенди и селото Бландиана од каде што потекнува нејзината мајка) е авторка на 17 стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и на еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и е претставено во 80 книги поезија и проза. Во 1990 година Бландијана го возобнови романскиот ПЕН-клуб (основан во 1924 година и распуштен во комунистичкиот период) и беше негов прв претседател. Тоа била прва институција со која повторно е воспоставена позицијата на Романија во западниот свет.

Фестивалот Струшки вечери на поезијата веќе ја има вреднувано поезијата на Бландијана со објава на избор од нејзината поезија насловен „Архангел во саѓи“, во рамки на фестивалската едиција „Плејади“ во 2004 година и во препев од романски на македонски од Лидија Димковска.

Бландијана е втор поет од Романија која го добива највисокото поетско признание „Златен венец“, што СВП го доделува од 1966 година. Во 1982 година лауреат беше еден од најпознатите романски и европски поети – Никита Станеску. Во пораката со која се заблагодарува за наградата, Бландијана се сеќава на „охридската катедрала и крунисувањето на Станеску“ пред 37 години и вели: „беше магичен момент на мојата генерација“.

„Златниот венец“ ќе ѝ биде врачен на поетскиот митинг „Мостови“ на крајот на август, на затворањето на 58. Струшки вечери на поезијата.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот