Новинската агенција АФП за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски истакнува дека станува збор за „фасцинантен роман“.
Делото на Смилевски е „возбудлив роман за жените заборавени од историјата, ламент за смислата на животот, разумот и лудилото“, се вели во информацијата на АФП, која потсетува дека книгата е преведена на преку триесет јазици во светот.
Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ неодамна се појави на француски јазик во превод на Харита Вибрандс и Артур Вибрандс. Делото веќе доживеа промоција во Париз, како и на Саемот на книгата во Нанси.
Првите критички одгласи за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ со високи оценки го свртуваат вниманието на француската читачка публика. Франсоа Леставел во „Пари Мач“ подвлекува дека Гоце Смилевски е „сензибилен и храбар романисер“ кој „не води во вибрантниот интелектуален и уметнички живот на Виена пред војната“. Во прилогот на „Пари Мач“ се додава: „Гоце Смилевски има дарба да ги осветли големите идеи кои го потресуваат светот, додека нив ги преживуваат ликови од крв и месо“.
Критичарката Астрид де Ларминат во престижниот париски дневен весник „Фигаро“ го потенцира „убавиот хуманистички дух на делото“ напишано од „романсиер кој црпи од сите дисциплини за да ја разоткрие мистеријата на човекот и неговото опстојување“.
Од бројните критички одгласи за одбележување е огледот објавен во „Медиапарт“ во кој критичарката Домоник Конил пишува дека во „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски „ја портретира разбрануваната Европа на револуционерни знаења и идеи пред налетот на фашизмот“ при што тој „ги истражува границите на премолченото во семејствата, отфрленоста, социјалната пресија, неврозата и лудилото, суровоста на историјата, настанокот на психоанализата и на современата психијатрија“.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија, а минатата година Наградата за медитеранска култура.