Џулијана Мур, американска холивудска актерка, тврди дека Пентагон ја забранил нејзината илустрирана книга за деца во која се говори за различностите.
Воената институција ја отстранила книгата „Јаготка со пеги“ (Freckleface Strawberry) за употреба во образовните установи под надлежност на Министерството за одбрана на САД, глобална мрежа од 160 училишта каде учат деца на воениот кадар на САД.
– Бев шокирана кога дознав дека администрацијата на Трамп ја забранила мојата прва книга „Јаготка со пеги“ во училиштата на Министерството за одбрана. Книгата е полуавтобиографска приказна за седумгодишно девојче кое не ги сака своите пеги, но на крајот учи да живее со нив кога сфаќа дека е посебна – исто како и сите други… Не можам да запрам да се прашувам што е толку спорно во оваа илустрирана книга за да биде забранета од американската влада. Длабоко сум разочарана, никогаш не би можела да замислам дека вакво нешто може да се случи во земја каде што слободата на говорот и изразувањето е загарантирано уставно право, напиша Мур на социјалната мрежа Инстаграм.
Новата администрација на Доналд Трамп врши огромни напори за укинување на таканаречената политика на разновидност, еднаквост и инклузивност (ДЕИ) во американската влада спроведувана од претходната администрација на Џо Бајден, со обвинување дека таквата политика била дискриминаторска.
Трамп верува дека практиките на инклузивност ги нарушуваат граѓанските права. Администрацијата сега работи на идентификација и отпуштање на што е можно повеќе државни службеници кои работат на прашања поврзани со ДЕИ, јави „Волстрит журнал“.