35. издание на фестивалот Браќа Манаки годинава ќе прикаже 76 филмови

Од:

Седумдесет и шест филмови од кои 11 во главната програма во трка за наградите „Камера 300“ ќе бидат прикажани на 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој со мото „Кон ѕвездите“ годинава ќе се одржува од 13-ти до 19 септември.

На програмата на фестивалот се и премиерите на два македонски филма – „До балчак“ на режисерот Столе Попов, кој ќе биде прикажан на вториот ден од фестивалот и „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески – за затворањето на годинашниот ИФФК.

Официјалната програма, селектирана од Благоја Куновски-Доре донесува најнови филмови прикажани на престижните светски фестивали во Берлин, Кан, Венеција, Карлови Вари, некои од нив наградени. Според селекторот, со изборот на проверени уметнички креации, во силната конкуренција на главната програма сите кинематографери се потенцијални кандидати за наградите, за кои ќе одлучува интернационално жири.

Во натпреварувачката програма на кратки филмови се девет остварувања (меѓу кои две македонски), програмата „Нови визии“ донесува пет наслови, а девет (сите премиерни) се во селекцијата документарен филм. Во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија ќе бидат прикажани 15 кратки филмови. И оваа година, официјалниот партнер на фестивалот ВИП организира детска програма со пет филма како и четиридневна работилница за правење филм, наменета за деца од 11 до 16 години.

Во специјалните проекции ќе бидат филмовите на годинашните лауреати-оскаровци: филмот „Големата убавина“ на директорот на фотографија Лука Бигаци, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“, и „Читачот“ на кинематограферот Крис Менџис, годинашниот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело.

Наградата „Златна ѕвезда“ која лани ја воведе Друштвото на филмски професионалци на Македонија ќе му биде доделена на Милчо Манчевски, кој пред 20 години со „Пред дождот“ освои „Златен лав“ во Венеција. Во чест на Манчевски ќе бидат прикажани и „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“.

Филмот што ќе биде прикажан на отворањето на „Браќа Манаки“, како и ѕвездата на фестивалот оваа година, ќе бидат дополнително соопштени.

Директорката на ИФФК Лабина Митевска на прес-конференција рече дека е горда на постигнатото во изминатите години. – Македонија преку „Браќа Манаки“ и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо, рече Митевска.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференцијата истакна дека во изминатите години ИФФК имал исклучителни изданија и дека е меѓу ретките фестивали во светот кој ја вреднува естетиката на филмската камера.

Таа посочи и на големиот подем на филмската дејност што се должи на заложбите на Владата на РМ, Министерството за култура и Агенцијата за филм.

– Во последните седум години се поддржани 156 филмски проекти, копродукции со странски партнери, 616 учества на меѓународните фестивали, на кои се освоени 113 награди, импозантен број што е валоризација на уметничкиот труд, рече Канческа-Милевска. Таа ги наведе и воведените мерки кои на долг рок овозможуваат поволен амбиент за домашното филмско творештво. Меѓу нив е новиот Закон за филмска дејност од минатата година кој има многу бенефиции за домашните и странските продуценти, зашто обезбедува поголем фонд средства за финансирање на филмската дејност и продукција на повеќе филмови.

Директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески рече дека околу 120 освоени награди на над 600 учества на фестивали се потврда дека покрај квантитет, се продуцира и квалитет.

До крајот на годинава се очекуваат премиерите на уште три македонски играни филма: „Мојот брат Лазар“ на Светозар Ристовски, „Враќање“ на Кастриот Абдили и „Медена ноќ“ на Иво Трајков. Башески информираше дека пет нови филмови почнале да се снимаат или се во подготовка: „Чекајќи ги парите“ на Слободан Деспотовски, „Ослободување на Скопје“ на Роберт Насков и „Чекај ме/ Сведок“ на Митко Панов и дебитантските долгометражни филмови на Даријан Пејовски (Три дена во септември) и на Вардан Тозија (Безимени).

Филмот „До балчак“ на Столе Попов, по сценарио на Горан Стефановски, поради должината (2 часа и 45 минути) ќе биде прикажан на втората фестивалска вечер (14 септември од 20 часот). Попов рече дека сценариото е старо 27 години, но фасцинира со актуелноста на идејата што ја носи: исконското чувство за слобода и за свој идентитет.

– Актуелноста е во повторувањето на историјата – како ништо да не се менува, можеби само империите и малите народи кои повторно се будат, рече Попов. Тој потсети на неуспешните два претходни обида филмот да се реализира (првиот во СФРЈ и вториот на почетокот на независна Македонија) и дека по толку години сегашната политика имала разбирање за неговиот филм со национална тема.

На затворањето на ИФФК, на 19 септември, премиерно ќе биде прикажан филмот на Антонио Митрикески „Деца на сонцето“, по сценарио на Гордан Михиќ.

Директорот на Центарот за култура, во Битола, Борче Димитровски соопшти дека цената на влезницата за проекциите ќе биде по  100 денари, а публиката повторно ќе може да набави и блок дневни и фестивалски блок билети.

Би можело да ве интересира

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ

Бред Пит ја откри улогата која му го промени животот: Научив многу

Предраг Петровиќ