Во Прага живеат милион луѓе, а градот годишно го посетуваат околу пет милиони туристи. Тие носат значајни приходи, заради што просечната плата во престолнината е 1.200 евра, што е за 300 евра повеќе од просекот во земјата.
Во градот на Влтава постојат илјадници хотели, хостели, пансиони и ресторани. Најголемиот број е отворен во последните 20 години, бидејќи во времето на комунизмот немаше ниту еден угостителски објект во приватна сопственост. Денеска на тоа поранешно време потестува само Музејот на комунизмот, во кој се изложени артефакти од периодот од 1945 до Кадифената револуција во 1989 година.
На главната туристичка рута, што води преку знаменитиот Карлов мост, лоцирани се бројни продавници за сувенири. Во речиси секој од овие локали работи некој кој потекнува од просторите на поранешна Југославија. Славица од Струга вели дека нејзиниот газда е сопственик на 11 вакви објекти во центарот на градот.
Од личностите кои живееле и создавале во него Прага створи препознатливи брендови, кои пак му носат златна заработувачка. Литературниот лик од романот на Јарослав Хашек- добриот војник Швејк, стана заштитен знак на бројни пивници. Ликот на писателот Франц Кафка се наоѓа на маици, шолји и магнети. Во прашките концертни хали се изведуваат композиции на Моцарт и Бетовен, кои своите генијални дела ги создавале и во овој град.
Под Храдчане живееле и светски познатите Бохумил Храбал, Јожеф Шкворецки, Милош Форман, Милан Кундера, Карел Чапек…. Кога Прага била во рамки на Хабсбуршката монархија , последните години од животот во него ги минал и славниот заводник Казанова.