Пакистанскиот град Аботабад, во кој е пронајден и убиен Осама бин Ладен добива забавен парк, а неговите власти се надеваат дека на тој начин ќе го поттикнат туризмот.
Паркот нема никаква врска со лидерот на Ал Каеда и ќе се состои од зоолошка градина, парк за водени спортови, мини голф терени, вештачки карпи за клајбинг и клуб за параглајдинг.
Предвидено е паркот да чини од 30 до 50 милиони долари, а за негова изградба ќе бидат потребни пет години.
Аботабад, кој се наоѓа во подножјето на Хималаите беше целосно непозната воена база, а во јавноста стана познат по убиството на Бин Ладен.
Хавед Абаси, еден од градските функционери, кој го иницираше проектот, вели дека се надева оти паркот ќе добие и ролеркостер.
– Ова ќе биде еден од најголемите забавни паркови во Пакистан и едвај чекаме да пристигнат туристите од целиот свет, изјави тој.
Како и многу жителите на Аботабад Абаси верува дека градот е неправедно обележан со убиството на Бин Ладен.
– Несреќен случај е тоа што Осама тука живеел, но сметам дека тоа не е вина на градот. Тој немаше никаква поддршка. Луѓето не се фанатици и не ги подржуваат терористите. Не можете да го обвинувате градот, доколку некој во него се крие, додаде Абаси.
Сијед Акил Шах, министер за спорт и туризам во провинцијата Кибер Пактунква вели дека се потребни повеќе содржини за семејства и млади луѓе.
– Сакаме да ги заштитиме младите од тероризам и екстремизам, вели тој и додава оти смета дека здравите активности се начин да се вклучат во позитивни работи.