Мексиканскиот претседател, Андрес Мануел Лопес Обрадор „внимателно“ реагираше по заканата од претседателот на САД, Доналд Трамп дека ќе ја затвори границата со Мексико.
– Секогаш сакаме добри односи со САД. Не сакаме да бидеме непромислени, истакна Обрадор по објавата на Трамп на Твитер.
Тој додаде дека Мексико ќе ги брани мигрантите.
Трамп вчера на Твитер се закани дека ќе ја затвори границата со Мексико, ако конгресмените демократи не одобрат финансирање на граничниот ѕид.
– Ќе бидам принуден целосно да ја затворам јужната граница ако демократите не ни дадат средства за завршување на ѕидот, напиша Трамп на Твитер и ги повика конгресмените од Демократската партија да „ги смента апсурдните закони за имиграција, кои се претвориле во товар за земјата“.
Трамп и минатиот месец се закани дека ќе ја затвори границата со Мексико во рамките на борбата со илегалната имиграција.
Во САД на 22 декември стапи во сила делумна блокада на работата на Владата, по неуспешните преговори на републиканците и демократите и претседателот Доналд Трамп за тоа Конгресот да додели пет милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико.