Далитите не ги убиваат: нив ги понижуваат, мачат и уништуваат
Њујорк тајмс – Њујорк
Кога Сардар Синг Џатаф на почетокот на септември реши да поразговара со мажите што го вработија неговиот син, откри дека тие го очекувале.
Мажите, припадници на повисока каста, го поздравиле со шлаканица по лицето. Потоа му ја скршиле раката и го легнале на земја. Сардар повикувал на помош, но никој не дошол. Еден од мажите му напикал крпа во устата, а друг со иронична насмевка извадил брич, го фатил Сардар за скалпот и почнал да го сече, симнувјаќи му ја речиси целата кожа.
– Ете ти. Кажи им на сите дека те скалпиравме, се сеќава Сардар на зборовите што му ги кажале.
Сардар е Далит, Индиец припадник на најнискате каста на „недопирливите“. Со векови Далитите живеат на најниската скала на индиското општество. Се проценува дека ги има повеќе од 300 милиони и со векови биле изложени на злоставување. Но, нападите врз нив продолжуваат и денес и ги има се повеќе.
Ова можеби делува изненадувачки доколку се има предвид новиот наратив на Индија. Милиони луѓе излегоа од сиромаштијата, а индиската економија е една од најсилните во светот. Насекаде во земјата се појавуваат нови патишта, аеродроми и инфраструктура, но во многу места, особено во сиромашните рурални области, и натаму се води сметка за кастите.
Оние кои ќе се побунат против таквиот систем наидуваат на бруталност чија идеја е да испрати порака и да го задржи постоечкиот поредок. Далитите не ги убиваат: нив ги понижуваат, мачат и уништуваат.
– Можете да зборувате дека Индија е светска сила, глобална сила која испраќа сателити во Вселената. Но, светот има една претстава за Индија, а реалноста е друга. Се додека е Хиндуизмот силен, силни ќе бидат и кастите, а се додека постојат кастите, ќе постојат и ниски касти, вели професорот по социологија од Мумбај, Авати Рамија.
Во октомври, на 14-годишна девојка припадничка на Далитите и беше отсечена главата од страна на човек, чија сопруга изјави дека тој го мрзел детето поради нејзината каста. Далит бездомник во мај беше искамшикуван до смрт пред една фабрика, а снимката од неговото претепување беше емитувана ширум Индија. Маж припадник на Далитите во март беше убиен од припадници на повисока каста само затоа што јавал коњ.
– Такви инциденти не се случуваа за време на моето детство. Во тој период Далит не би јавал коњ. Пред 1990 година мнозинството Далити работеа за некого, а сега ја плаќаат цената на својата слобода, вели политичкиот коментатор и Далит, Чандра Бан Прасад.
Кога кон крајот на 40-тите години на минатиот век почна пишувањето на Уставот на Индија, интелектуалците вметнаа специјални мерки за заштита на Далитите, кои претставуваат 15 до 20 проценти од вкупната индиска популација од 1,3 милијарди лица.
Иницирани се повеќе програми за афирмација за да им се помогне на Далитите да излезат од сиромаштијата. Денес постојат Далити поети, лекари, чиновници, инженери, па дури и претседателот на државата е Далит, иако таа функција во голема мерка е церемонијална.
Но, според експертите, 95 проценти од Индијците и натаму склучуваат бракови само во рамки на својата каста. Неодамнешните студии покажуваат дека приходите и нивото на образование е пропорционално со припадноста на кастата. Дури и по степенот на образование, Далитите далеку заостануваат зад припадниците на другите касти, што укажува дека и натаму постои дискриминацијата.
Националната статистика покажува дека бројот на злосторства поврзани со кастинската припадност пораснал за 25 проценти во однос на 2010 година и дека во 2016, за кога последен пат се објавени вакви податоци, биле регистрирани 41.000 злосторства.
Голем број аналитичари за ваквата состојба ја обвинуваат владејачката Индиска народна партија (БЈП), чија идеологија влече корени од Хиндуизмот, што ги охрабрува нејзините приврзаници да ги напаѓаат припадниците на малцинствата, неретко и во име на религијата. Како пример се посочуваат поголемиот број случаи на претепани или убиени луѓе затоа што заклале крава. Кравите се свети животни во Хиндуизмот и најголемиот број од жртвите на одмаздничките напади врз „убијците на кравите“ биле муслимани или Далити.
Причина за расправијата таа септемвриска ноќ кога Сардар беше измачуван, беше неговото барање од работодавците од повисоката каста да му ги исплатат заостанатите плати на неговиот син.
Во традиционалното индиско општество припадноста на кастата диктира со кое занимање можете да се бавите. „Недопирливите“ во минатото ги работеле сите валкани работи, а денес таквиот систем е малку ублажен.
Во селото на Сардар, Тати, речиси сите семејства се занимаваат со земјоделство. Иако Гуџарите не се на највисоко ниво на општествената скала и се далеку од Браманите, кои се сметаат за највисока каста, тие во Тати се најмоќни и се сопственици на најголемиот дел од земјата. Далитите мора да ги почитуваат и несмеат да ги гледаат во очи.
Индискиот Устав строго забранува малтретирање на „недопирливите“, но неодамнешните истражувања на јавното мислење покажуваат дека тоа се практикува во многу делови на Индија.
Полицијата упаси неколкумина Гуџари обвинети за нападот врз Сардар, кои изјавија дека нивната каста „немала никаква улога“ со инцидентот.
Сардар вели дека лузната до крајот на животот ќе го потсетува на тоа што му го направија луѓето од повисоката каста. – Би сакал да сум припадник на друга каста, вели тој со воздишка.