Новата поетска манифестација „Маџирмаалски поетски бранувања“ се одржа неодамна во Даут-пашиниот амам, седиште на Националната галерија на Македонија.
На почетокот на манифестацијата се обрати претседателот на Извршниот одбор на традиционалните „Маџирмаалски средби“, Зоран Панчевски, а потоа од страна на Комисијата беше соопштено дека на Конкурсот што го распишаа организаторите за песни кои содржат мотив поврзан со Маџир Маало и тематско-содржински кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, навиките и традициите, пристигнале преку триесет поетски дела од дваесет и четири автори меѓу кои освен маџимаалци и жители на Скопје, има и поети од Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Делчево и од други градови.
Комисијата одлучи главната награда „Маџирмаалски поетски бранови“ за 2018 година да му биде доделена на авторот Томислав Лазаревски за песната „Маџир Маало – едно минато време (хаибун)“, а двете придружни награди да ги добијат Габриела Стојаноска-Станоеска за песната „Духот на Маџир Маало“ и Љубиша Николиќ за песната „Таму јас не можам“. Наградите на поетите им ги додели претседателот на Извршниот одбор на традиционалните „Маџирмаалски средби“, а потоа тие ги прочитаа своите песни пред публиката.
За особен придонес во организацијата на првите „Маџирмаалски поетски бранувања“ му беше доделено посебно признание на поетот, писател и поддржувач на традиционалните „Маџирмаалски средби“, Илко Димитриески, кој ја прочита својата поема „Маџир Маало“.
Благодарници од страна на организаторите им беа доделени на поддржувачите и на претставници на медиумите, а манифестацијата продолжи со читање песни од присутните автори.